Уште за кодовите за гнездење

Свесни сме дека внесот на соодветен гнездечки код за птицата која сте ја набљудувале е најпредизвикувачкиот дел на апликацијата, но имајте предвид дека тоа е и една од најкорисните информации која може да ја обезбедите. Затоа, еве уште малку објаснувања.

Прво, изготвивме шема која ја отсликува логиката, односно прашањата кои треба да си ги поставите кога не сте сигурни за изборот на кодот. Шемата не е замена за познавањето на екологијата на птиците, па затоа чекорите ќе ги илустрираме со примери.

 

Слика 1. Шема на одлучување за избор на гнездечки кодови

 

Период на гнездење

Различните фамилии, а многу често и различните видови дури и внатре во фамилиите, може да имаат различни периоди на гнездење. Периодот на гнездење започнува со зафаќање на територија за гнездење, но некои видови се присутни на територијата за гнездење преку целата година. Во тие случаи, периодот на гнездење почнува со активностите поврзани со обновување на гнездото, свадбени игри и слично. Постои обемна литература за гнездењето на птиците, вклучително и на интернет, и податоците кои се дадени на сајтот на BirdLife International ги сумиравме во следнава табела. Имајте предвид дека овие податоци се однесуваат на целиот ареал на видовите, односно се некој просек, па кај нас многу видови зафаќаат територии, или почнуваат со активности за гнездење малку порано во годината (всушност, за некои видови, дури и цел месец порано). Сепак, прецизни национални информации за почетокот гнездењето на сите видови нема, што го прави вашиот придонес уште поголем. Каде што има достапни информации, табелата во иднина ќе ја ажурираме, но од голема корист за нејзино допрецизирање ќе бидат и вашите податоци. Во многу случаи, зафаќањето на територијата е означено со започнување на пеењето на птиците, но доста видови пеат и при преселба, а некои дури и во зимскиот период. Најтешко ќе се расчистуваат ситуациите во март, кога некои единки се на своите територии и пеат, а други единки од истиот вид се сѐ уште на преселба (на пример, единките од видовите од средна и северна Европа кои зимувале на југ, и се селат преку Македонија). Така, сите имаме дилеми каков код да запишеме. Затоа, пополнувањето на дополнителните информации (социјалност, вокализација, забелешка) е корисно. Редовната посета на истите микролокалитети исто така резултира со подобро познавање на состојбата. Така на пример, ако видите зелентарка која пее на почетокот на март, нема да знаете каков код да одберете (и најверојатно ќе одите со -1), но ако редовно го посетувате местото на кое пеела, и пее секогаш од истите неколку дрвја сѐ до април (ап и подоцна), ќе можете да ги корегирате вашите записи и да означите зафатена територија (А2). Големите сипки пеат во ран март, но ако ги набљудувате, брзо ќе видите дека тоа се птици кои не се задржуваат на едно место, а често се и во јата од по неколку единки. Затоа, уште еднаш, на почетокот на вашата кариера, минувајте подолго време набљудувајќи го однесувањето на птиците.

Сезоната на гнездење завршува – за различни (групи на) видови – различно. Најчесто, тоа е почетокот на периодот на скитање – и младите и возрасните птици ја напуштаат територијата на која гнезделе, и се распрснуваат – често во семејни јата – низ околниот простор. За повеќето птици пејачки кај нас ова се случува во јули, но бидејќи некои видови може да имаат и по три полога годишно, неретко во август, па дури и ран септември, гледаме млади птици на местата на кои несомнено се изведени. Други видови (еребиците, на пример) формираат семејни јата кои остануваат на нивните територии и преку целата зима, па така, кога нивните млади се потпораснати, сметаме дека завршиле со гнездење.

 

Живеалиште за гнездење

Во најголем број случаи, во периодот на гнездење птиците ќе гнездат таму каде што сте ги виделе. Ова е вистина за скоро сите птици пејачки и за голем дел од непејачките, но некои видови по храна може да одат и по повеќе километри од местото на гнездење. Така на пример, црниот штрк ќе гнезди на некои карпи во некоја речна долина, но ќе се исхранува во истата или во соседните реки или на езерските брегови и доста далеку од гнездото. Затоа, ако го видиме на место каде би можел да гнезди, ќе искористиме А1 (или повисок код, во зависност од набљудувањето), но ако во близина никаде нема карпи или стара шума, ќе одиме со 0. Во друг случај, црвеногушестото грмушарче има територија од само неколку десетини метри околу гнездото, и кога ќе се најдете во неговото живеалиште истовремено ќе видите или слушнете и по неколку мажјаци како ги означуваат своите територии. Всушност, истовременото регистрирање на неколку распеани единки од истиот вид е една од најкорисните информации кои можете да ги добиете и е од посебна важност во напредните фази од набљудувањето на птиците, кога ќе сакате да работите на одредување на големините на нивните популации.

Ако сево ова не ви се чини едноставно, тоа е затоа што не е. Но, брзо со стекнува искуство. Не заборавајте дека и искусни набљудувачи на птици и орнитолози не секогаш можат со точност да го одредат статусот на видот. Често пати дури по повеќе години, или по консултации со колеги, може да се разјасни ситуацијата. Затоа е важно да се запишат деталите за набљудувањето онака како што се видени.

Објавен на 21.03.2025

Ажуриран на 21.03.2025