За птици.мк

ptici.mk е замислена како платформа за поддршка на растечкиот број на набљудувачи на птиците, односно унапредување на граѓанската наука, со користење на модерни алатки за собирање и обработка на податоци. Платформата континуирано се надградува – во моментов се состои од динамичен веб сајт на кој се прикажуваат наодите на птиците, и Android апликација за собирање на податоци. За во блиска иднина е предвидена и апликација за iOS, но приоритетот ни е овозможување целосна функционалност на Android апликацијата, која во овој момент може да се преземе само од овој сајт, но набрзо ќе се најде и на Google Play.

Апликацијата бара одредено предзнаење за птиците, односно не е наменета за апсолутни почетници, иако и ним ќе им го олесни навлегувањето во светот на птиците. За почетниците препорачуваме „старомоден“ пристап, со користење на теренски бележник, барем додека не ја совладаат идентификацијата на најчестите видови птици. Бележникот има предност што во него може да се скицираат птиците кои не ги познаваме, и да се наведат детали за нивното однесување (што помага како во идентификацијата, така и во запознавање со нивниот начин на живот). Сепак, со зголемување на бројот на записи, користењето на апликација станува алатка и за штедење на време и за брза размена на податоци. Неопходна алатка за запознавање на птиците е теренски водич (во дигитална, или подобро во печатена верзија), во кого освен што ќе гледате цртежижфотографии и ќе се обидувате да ги пронајдете најсличните со „вашата“ птица, има и текстови што ќе треба да ги прочитате, а со време и да ги запаметите. Тоа се општиот вовед, воведите за таксономските групи, и секако текстовите за секој вид поединечно, проследени со картите на нивната дистрибуција.

Во овој момент апликацијата има четири модули, и нивното користење е објаснето во посебен текст. Накратко, првиот модул е „Директен внес“, кој служи за внес на случајни податоци, собрани на пример при патување или прошетка во природа или низ некое населено место (на која основната цел не е набљудување на птици), при што, како што тоа често се случува, ќе се регистрира некој интересен вид.

Вториот модул е „Слободна сесија“. Таа е наменета за набљудувач кој се движи пеш на локацијата каде што сака да набљудува птици, при што апликацијата ја снима и неговата (приближна) патека на движење. Долж оваа патека набљудувачот ги забележува видовите кои ги регистрирал, бирајќи ги од паѓачко мени, со внесување на (дел од) нивното име, при што внесот засега е возможен на македонски и англиски јазик, или со користење на научното име на птицата. Во иднина предвидуваме и внес со албанските имиња на птиците. Во овој момент како основа се користи слободна онлајн карта со изохипси (https://www.opencyclemap.org/), на која често се прикажани и патишта и објекти, што ја олеснува ориентацијата во просторот. Сепак, потребно е одредено време додека набљудувачите се стекнат со доволно искуство за да се ориентираат во просторот со користење на оваа карта. Дополнително, од неа често недостасуваат речните текови, па советуваме истата да не се користи за навигација, односно нашата апликацијата не е замена за други апликации чија примарна цел е навигација во просторот. Покрај името на видот и координатите (апликацијата автоматски ги впишала и времето на набљудување, а датумот е веќе впишан при почетокот на сесијата), потребно е како минимум да се внесат и најмалиот број единки што се набљудувани и гнездечкиот код. За внесување на гнездечките кодови потребно е одредено познавање на екологијата на секој од видовите – во какво живеалиште гнезди, во кој период гнезди, а кога е на миграција, и слично. За овие аспекти постои обемна литература (вклучително и на интернет, и подолу нудиме некои корисни врски), и апликацијата нема да биде замена за истата. Дополнително, може да инсталирате и апликации кои ја помагаат детерминацијата на птиците (Collins Bird Guide, Merlin Bird ID, Bird.NET, но имајте предвид дека апликациите кои ги одредуваат видовите според нивното огласување не се 100% точни). Со искуство, може да внесете и дополнителни информации поврзани со детали за набљудувањето и однесувањето на птиците, како и нивната возраст. Кога набљудувањето завршува, сесијата се затвора, се внесуваат дополнителни забелешки, и многу важно, набљудувачот треба да одбере дали ги внел сите видови, или само оние кои му биле нему интересни (препорачуваме внес на сите видови, ваквите листи имаат поголема вредност).

Третиот модул е „Линиски трансект“. Тој е наменет за најискусните набљудувачи и се заснова на методологија која се користи за процена (пресметка) на бројноста (или густината) на регистрираните видови, преку одредување на функцијата која ја прикажува дистрибуцијата на регистрираните единки според нивното растојание од набљудувачот, односно пресметка за бројот на нерегистрирани (а присутни) единки долж трансектот. За користење на овој модул на терен препорачуваме посетување на обука во МЕД (првите ќе бидат во 2025 година). Модерните алатки денес овозможуваат брзо напредување во проблематиката, но сепак најлесно се учи на терен, при работа со поискусен набљудувач на птиците.

Последниот модул е „Мојот штрк“. Во него може директно да се внесат податоци за гнезда на штркови, и апликацијата беше интензивно користена во последниот попис на штркови во 2024 година.

Конечно, петтиот модул, кој се надеваме дека ќе биде во функција оваа година, ќе биде наменет за пребројување на зимувачките водни птици на нашите реки и езера, и ќе има поинаква структура од постојните.

Сите собрани податоци визуелно се прикажуваат на карта, на оваа интернет страница, во форма на атлас со резолуција 10х10 км (25х25 км за чувствителните видови, заради нивна заштита). Овој приказ исто така е во развој, но веќе можат да се видат податоци за одреден број чести видови (со избор на името на видот од паѓачкото мени). Исто така може да се видат сите регистрирани гнезда на штркови во пописот од 2024 година. Засега се тестираат различни функционалности, а ќе бидат внесени и податоците собрани за подготовка на Европскиот атлас на гнездечките птици 2 (објавен во 2020 година). Секој набљудувач може да ги симне сопствените податоци директно од сајтот, а ќе овозможиме и автоматско прикачување (постари) податоци преку табеларен формат.

Со оглед на тоа дека скоро целата работа за развој и одржување на платформата е волонтерска, а најголемиот број податоци кои овде ќе се појават исто така се резултат на волонтерски труд често пати поврзан со директни лични трошоци, не овозможуваме пристап кон базата на податоци и користење на прецизните записи за комерцијални цели. Сепак, базата на податоци ќе биде споделена со неколку слични платформи, на европско и глобално ниво (на пример, eBird, Obervation.org, EuroBirdPortal и GBIF).

Платформата е одржувана од Македонското еколошко друштво, преку поддршка од Sigrid Rausing Trust, а како дел од проектот „Improving the capabilities of the EuroBirdPortal project in order to boost its contribution towards EU policy objectives under the Birds Directive and the 2030 Biodiversity Strategy (101104367 LIFE22-PLP-ES-EBP reinforcement)” кофинансиран од Европската Унија.