Како да ја користите апликацијата?
Во моментов апликацијата е целосно функционална, иако има некои помали багови. Претстојат напори за нејзино оптимизирање и естетско подобрување. Во повремени случаи, најчесто по инсталација на апликацијата, можеби ќе забележите дека иако почетното мени успешно се отвора, не можете да внесете ниту директен запис, ниту да започнете сесија, ниту да ги погледнете списоците на сесии и записи. За жал, ќе мора да ја рестартирате апликацијата, а по потреба да го направите тоа повеќе пати, додека не проработи. Исто така, повремено при синхронизација, апликацијата јавува грешка во процесот, иако всушност вашите податоци се пристигнати до серверот без проблем, и тоа можете да го видите или со преглед на картата, или ќе забележите дека при синхронизација на понова сесија/податоци, известувањето за „проблематичната“ сесија не се повторува. Доколку постојано добивате известување за грешка за една и иста сесија, тогаш грешката е вистинска, и ве молиме да ја пријавите, заедно со околностите при кои се случила.
Регистрација и најавување
На првото вклучување, апликацијата ќе ви побара да се регистрирате. Внесете име и презиме и електронска пошта. Вашите податоци ги чуваме согласно нашите политики за приватност, кои можете да ги погледнете на сајтов. Регистрацијата можете да на направите и преку вашиот Google профил. Ќе треба да ги прифатите политиките за приватност и условите за користење. Доколку се регистрирате повеќе пати, со повеќе е-маил адреси, ќе имате повеќе профили, па вашите листи и податоци ќе се прикажуваат за секој профил посебно. По секоја нова инсталација, одново ќе треба да се најавите на апликацијата.
Општи поставувања
Изберете јазик (засега, македонски или англиски) и изберете го почетниот размер (зум) на картата. За слободните сесии размер кој овозможува на картата да гледате околу 500 м во сите правци околу вас нуди полесна ориентација во просторот, а за линиските трансекти, кога треба да ја одредите дистанцата до секоја птица, размерот може да е поголем (на картата да се прикажани 100-200 м околу вас). Размерот на картата може во секое време да го промените при внесување на запис, со користење на два прста, па затоа најдете некое за вас оптимално поставување, за што помалку да треба да го менувате зумот при внесувањето на записи. Можете да направите прилагодувања и колку прецизно да се снима вашата патека на движење (поголема прецизност е важна при линиските трансекти, но така и побрзо се троши батерија на уредот).
Апликацијата ќе работи и без интернет. Единствено не заборавајте да ја симнете картата (преку посебното копче на главното мени), која ќе зафати повеќе од 1 GB меморија на вашиот уред, па затоа планирајте однапред. Процесот трае повеќе часови, бидете трпеливи, или спуштете ја картата преку ноќ. Картата која ја користиме е OpenCycleMap, (https://www.opencyclemap.org), со лиценца Creative Commons Attribution Share-Alike 2.0 License (https://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.0/).
Некогаш пред реинсталација ќе имате потреба да ги избришете сите податоци поврзани со апликацијата од вашиот уред. Предвидовме и копче за тоа, за да не одите во поставувањата на телефонот. Вашите податоци остануваат на серверот, и по новата инсталација и синхронизација, ќе ги добиете повторно на вашиот телефон. Бришењето е темелно, па ако го направите тоа, ќе треба повторно да ја симнете и картата.
Директен запис
Ова е наједноставниот модул во апликацијата, и затоа почнуваме од него.
Кога ќе го започнете записот, вашиот уред веднаш внесува информација за датумот, времето и координатите на кои се наоѓате. Координатите се први, затоа што доколку сте во движење, брзо може да земете прецизни координати. Можете и да го поместите покажувачот на координати - притиснете го знакчето (пинот) покрај веќе земените координати, и поместете го покажувачот, па излезете од екранот (новите координати се автоматски зачувани). Ако сакате да ги промените веќе земените координати со координатите на кои се наоѓате во моментот, притиснете и кратко задржете го знакчето. Можете да ги промените и датумот и времето на податокот. На пример, при патување гледате птица која одлучувате да ја запишете идниот ден, кога ќе сте одморни, и датумот треба го вратите наназад, и да го внесете и времето – колку толку прецизно.
Потоа апликацијата бара да внесете информација за видот на птиците. Уште еднаш, таа не помага во детерминацијата, треба да знаете што внесувате. Во моментов систематиката и таксономијата ги следат светските чек-листи на птици (The Howard and Moore Complete Checklist of the Birds of the World. Fourth edition, Vol. 1 (2013) & 2 (2014)) и таму прифатените англиски имиња на видовите. Македонските имиња се според националната чек-листа (Annotated check-list of the birds of the Republic of Macedonia, 2017). Извесно е дека во иднина ќе треба да се прилагодиме кон користењето на систематиката на Handbook of the Birds of the World and BirdLife International Illustrated Checklist of the Birds of the World (https://datazone.birdlife.org/species/taxonomy) затоа што истата ја користат повеќе други портали, и тоа ќе го направи споделувањето на податоци поедноставно, но разликите во листите не се толку големи за да ве одвратат од користењето на апликацијата.
Видот можете да го запишете со внесување на било која низа на букви од неговото научно, македонско или англиско име. Така, ако внесете Turdus, ќе ви бидат брзо понудени сите видови од овој род (дроздови), но ако почнете да внесувате само merula веднаш ќе дојдете до ќосот. Ќе ви биде потребно малку време да научите кои видови како најбрзо да ги внесете, бидејќи на терен, брзината на внесување е важна (што помалку гледање во уредот, а што повеќе гледање во птиците, толку подобро).
Ако редовно „птичарите“, неколку пати во кариерата ќе наидете на вид кој го нема во списокот – тоа ќе биде прва регистрација за видот во земјата! Во такви случаи, обратете ни се директно, преку е-маил (ptici@mes.org.mk), со поднесување детални информации за набљудувањето – според денешните стандарди, тоа подразбира и фотографија, макар била со лош квалитет или направена низ вашата оптичка опрема. Истовремено, размислувајте во кое научно или стручно-популарно списание ќе го објавите вашето набљудување. Со задоволство ќе ви дадеме насоки.
Потоа треба да одберете гнездечки код, но тоа не е така едноставно, и затоа е подетално објаснето понатаму во текстот. Ова е една од најзначајните информации за понатамошни анализи и затоа е задолжително поле.
Ќе треба да внесете број на набљудувани единки, барем како минимум (всушност, и тоа е задолжително поле). Стекнете навика да ги броите птиците што ги гледате, што побргу. Информациите како „многубројна“, „ретка“ и слично се релативни. Состојбите низ годините се менуваат. Тоа што во 1960тите години од минатиот век е запишано од двајцата француски браќа Terrasse како „многу степски ветрушки меѓу Велес и Стоби“ согласно нашето денешно искуство (кога степските ветрушки се бројни единствено на неколку локалитети) може да се толкува како најмногу како „стотици“, но при разговор со авторите утврдивме дека се работело за илјадници птици. Ако можете да го процените опсегот на бројноста (од-до), внесете и информација за максимален број, но ова поле може и да го оставите празно. Ако внесувате само гнездо, без птици во околината, за минимален и максимален број ќе треба да внесете 0 (нула) – видете го објаснувањето за гнездечкиот код C11.
Следуваат четири незадолжителни полиња (Социјалност, Возраст, Пол и Вокализација). Кога ги знаете овие вредности, и имате доволно време, внесете ги. Брзо ќе научите да правите разлика меѓу “песна“, која најчесто означува зафатена територија, и „нецелосна песна’, што укажува на птица која можеби уште е на миграција. Некои птици пеат и надвор од сезоната на гнездење, па можеби ќе сакате да го запишете тоа. За клукајдрвците „барабанењето“ (англ. drumming) е начин на означување на територијата, односно замена за песна. Препознавањето на повиците на птиците е многу потешко од препознавањето на нивните песни, но повторно, и тоа се учи. Некогаш истовремено ќе слушнете песни од повеќе единки, секоја на своја територија (или ќе ги видите истите). Наместо да ги запишувате сите посебно (доколку се доволно блиску), можете да го ставите нивниот вкупен број, но изберете назнака дека се работи за „осамени“ (поединечни) птици, за да знаете дека не сте виделе група (моментален собир кој ќе се распадне набрзо) или јато (во кое птиците остануваат заедно долго време, некогаш и со месеци). Возраста укажува на различни работи – младите птици вообичаено не гнездат, возрасните се индикативни за територија, млади птици во состав на гнездечки двојки укажуваат или на популација која расте или на популација од која прекумерно угинуваат возрасни птици... Во одредени случаи одредувањето на староста на птиците е потешко, и некои групи (на пример галебите) имаат комплексни старосни групи, не секогаш лесни за одредување. И конечно, полот некогаш може да се одреди, некогаш не, некогаш е тоа небитнa информација, но некогаш е битна (на пример, кај црвеноглавиот кожувар беше забележена нееднаква застапеност на двата пола на местата на презимување, што укажа на конзервациски проблем).
Од овие полиња, внесете го тоа што го знаете – и тоа во што сте сигурни. Може да ви служат и како индикатори за работите во кои треба да ги подобрите вашите вештини.
Имате поле во кое наративно може да го внесете локалитетот, и стекнете навика да го правите истото. Некогаш може да е описно (раскрсница за село Дуње), а некогаш може да знаете и точен топоним (Сингорови Огништа). Ако името на локалитетот не е доволно прецизно, посебно ако не е земено за запис во рамки на сесија (видете подолу), поширока одредница исто така ќе ви биде корисна (раскрсница за с. Дуње, Мариово, или Сингорови Огништа, с. Дуње, Мариово).
Пред овие полиња имате и поле за Забелешка, ако треба да допишете уште нешто (на пример, сте виделе двојка златни орли со пролетано младо, во Социјалност бирате фамилија, во Пол – двата пола, но во Возраст немате опција да кажете дека биле и стари и млади птици, па внесете го тоа овде). Внесете информација ако сте ја повикувале птицата (на плејбек) или можеби ако сте направиле доказна фотографија од некој интересен наод. Забележете доколку сте виделе копулација. Полето е високо позиционирано затоа што е лесно да се прескокне, а тешко да се бара низ менито. Всушност, по неколку дена користње на апликацијата, веднаш ќе знаете што не може да се внесе во полињата кои следат, па ќе го внесете во забелешката.
Конечно, некои птици можеби ќе ги видите како само го надлетуваат просторот, не застанувајќи, не кружејќи над него, или едноставно воопшто не припаѓаат таму каде што ќе ги видите (сива чапја ги надлетува гребените на Караџица). Означете го ова со штиклирање на полето Прелет?, за да знаете дека овој податок не треба да се користи во анализите на живеалиштата на птиците.
Горе десно има иконка за зачувување на информацијата, а доколку се обидете да се вратите на главното мени без зачувување, ќе бидете прашани дали сте сигурни.
Од време на време, кога имате интернет конекција, од главното мени изберете синхронизација на записите со серверот. Во тој момент, вашите податоци ќе се појават на картата на сајтов. Надморските височини се ажурираат ноќе, па вашите податоци графикот ќе се покажат на точната надморска височина дури следниот ден по синхронизацијата.
На крајот, откога ќе го снимите и затворите записот, имате опција и да го избришете истиот (ќе ви биде побарана потврда) или да го уредите (едитирате). Исто така имате опција и да го копирате, по што можете да ги промените само неопходните полиња за следниот запис. Ова може многу да го забрза внесувањето на податоци (на пример, не мора одново да го внесувате долгото име на локалитетот), но е и најчестиот извор на грешки (да заборавите да направите некоја од потребните промени), па користете ја опцијата со внимание.
Гнездечки кодови
Гнездечките кодови се стандард за изработка на двата Европски атласи на птиците гнездилки (European Breeding Bird Atlas, 1997, 2020), и истите се во голема мера самообјаснувачки, но во продолжение сепак ќе укажеме на некои случаи кои можеби не се толку очигледни. Сепак, за правилен избор, потребно е колку-толку да ги познавате птиците. Не се обесхрабрувајте, брзо се учи, илјадници волонтери ги користеа овие гнездечки кодови за подготовка на Европскиот атлас.
За почеток, гнездечките кодови се поделени во три групи – А – возможно гнездење, B – веројатно гнездење и C – возможно гнездење (https://ebba2.info/about/methodology/). Кон овие три категории се додава и категоријата 0 (нула) – негнездечки единки. Со оглед на тоа дека работата на атласите е спроведувана во гнездечкиот период на птиците, немало потреба да се означат миграцијата и зимувањето на птиците. Затоа, ние го прифативме пристапот на колегите од Словенија, кои за нивниот Атлас (Atlas of breeding birds of Slovenia, 2019, https://ptice.si/en/atlas-of-breeding-birds-of-slovenia/) воведоа и код -1 (минус 1) за наодите надвор од гнездечкиот период. Оваа категорија ги вклучува зимувањето и миграцијата.
Категоријата А има 2 кода, B има 7 кодови и C има исто така 7 кодови. Тоа резултира со вкупно 18 гнездечки кодови, кои бргу ќе ги запаметите. Еве го нивното објаснување:
-1 - единки набљудувани надвор од гнездовиот период односно при миграција или зимување
Единки кои се на миграција (често, во јата кои може да бидат застанати на одмор или во лет полека се движат, полека или брзо прелетуваат, или осамени единки кои во периодот на нивната преселба имаат јасен правец на миграција). Исто така, овој код се однесува на единки кои ќе зимуваат таму каде што сте ги регистрирале, во зимскиот период. За различни видови периодот за кои сметаме дека презимуваат (односно, се станарки или преселни птици кои не се селат понатаму на југ) е различен, и често пати е диктиран и од метеоролошките прилики.
0 - негнездилка (птицата не е во нејзиното живеалиште за гнездење или е летна негнездилка)
Овој код се користи за регистрација на единки од видови за кои знаеме дека не гнездат во живеалиштето во кое се набљудувани, или можеби воопшто не гнездат во државава, но можеби гнездат во близина (на пример, пеликаните во грчкиот дел на Преспа) а се редовно присутни кај нас во гнездовиот период. Истиот код се внесува и за млади птици, кои не се во репродуктивна возраст и тоа е единствената причина заради која не гнездат (но возрасни единки од истиот вид можат да гнездат на просторот).
А1 - набљудуван во гнездечката сезона во возможно живеалиште за гнездење
Се однесува на возрасни единки присутни во живеалиште соодветно за гнездење и во соодветен период за нивно гнездење, но немаме понатамошни индиции за истото. Често тоа ќе бидат грабливки кои ловат на одреден простор, или птици кои ги регистрираме само преку нивниот повик.
А2 - пеечки мажјаци или гнездечки повици слушани во гнездечка сезона
Песната е многу индикативна за зафатена гнездечка територија, иако некогаш мажјаците можат да пеат на територии на кои нема да им се придружат женки. Ова ќе биде веројатно најчестиот код кој ќе го користите во гнездовиот период.
B3 - двојка набљудувана во соодветно гнездечко живеалиште во гнездечка сезона
Самообјаснувачко. Доколку времето ви дозволува, кога ќе видите птица од едниот пол, почекајте уште малку во надеж дека ќе ја видите и птицата од другиот пол, категоријата B е многу позначајна од категоријата А.
B4 - претпоставена постојана територија преку регистрација на територијално однесување на исто место во два различни дена во период од најмалку една седмица
Самообјаснувачко. Овој код најчесто би го користеле доколку редовно посетувате едни и исти локалитети, и гледате дека единките од видовите ги наоѓате на истите или скоро истите микролокации.
B5 - додворување и свадбени игри
Иако е кодот самообјаснувачки, не секогаш е лесно да се утврди кога се работи за додворување. Тоа се често различни свадбени летови, танци или други начини преку кои птицата (најчесто мажјакот) себе си се прави повпечатлива. Иако не е експлицитно наведено, овде ги вклучуваме и случаите на копулација (што се наведува посебно во полето Забелешка).
B6 - посета на возможно место за гнездење
Доколку птицата посетува локација на која постојат услови за гнездење, или посебно доколку почесто се враќа на таа локација, имаме основа да претпоставиме дека тука веројатно ќе гнезди. Може да се работи за полица или пукнатина на карпа, или скриено место во крошните на дрвјата или во грмушките. Во овој случај набљудувањата се направени пред или околу почетокот на периодот за гнездење за конкретниот вид.
B7 - вознемирено однесување или нервозни повици од возрасни птици
Самообјаснувачко, но да се внимава и да се прави разлика со кодот C10
B8 - гнездечки дамки на возрасна птица прегледана во рака
Најверојатно ќе го регистрирате овој код само при некое наменско истражување. Прочитајте повеќе за гнездечките дамки: https://en.wikipedia.org/wiki/Brood_patch
B9 - правење на гнездо или дупка за гнездо
Иако подготовката на гнездо е само на чекор пред фактичкото гнездење (снесување на јајца), до истото не мора задолжително да дојде (недостаток на партнер, страдање на една или двете птици од парот).
C10 - дистракција или глумење на повреда
Тоа се често повици со кои се сака да се одвлече вниманието на предаторот, а некои возрасни птици глумат и дека се повредени. Некои видови храбро го напаѓаат предаторот, вклучително и човекот (иако освен во неколку случаи, до директен контакт не доаѓа).
C11 - најдено користено гнездо или лушпи од јајца снесени во периодот на истражување
Некои видови лушпите од јајцата по испилувањето ги фрлаат малку подалеку од гнездото, за да не привлечат предатори. Најчесто ќе најдете лушпи од јајца од дрозд пејач. Распознавањето на гнездата, посебно кај помалите птици пејачки, не е едноставно, и за нив постои специјализирана литература. Внимавајте во овие случаи како минимален и максимален број на единки да внесете 0 (нула) доколку не видите птици на локацијата. Овој код може да се додели и надвор од гнездечкиот период (на пример, гнездо на штрк најдено во октомври, кога штрковите се веќе заминати, а за кое се верува дека било активно до скоро. Доколку за ваков случај за минимален (или максимален) број се внесе вредност поголема од нула, тоа ќе имплицира дека единките (во нашиот случај, штрковите) уште не заминале кон југ).
C12 - неодамна пролетани нидиколни или нидифугни млади
Тоа се млади птици кои сѐ уште не се пролетани, но се излезени од гнездото и трчаат или пливаат, како и такви кои веќе се вешти во лет, но сѐ уште се на нивната територија и за храна во голема мера зависат од родителите. Прочитајте повеќе: https://en.wikipedia.org/wiki/Nidifugous_and_nidicolous_organisms
C13 - возрасни птици кои влегуваат или излегуваат во-од место за гнездо во услови кои укажуваат на зафатено гнездо или возрасни птици видени при инкубација
Лесно е доколку се види птица како инкубира на своето гнездо, но тоа не е секогаш возможно, а некогаш и повтореното влегување и излегување на единки од истата дупка/микролокација во период на инкубација (кој често е различен за различни видови) укажува на гнездење, посебно ако може да се разликуваат мажјакот и женката и се набљудува промена при инкубацијата. Ако ја видите птицата на инкубација, и посебно ако забележите дека гледа во вас, веднаш оддалечете се од гнездото.
C14 - возрасна птица која носи фекална торбичка или храна за младите
Самообјаснувачко, но е потребно малку искуство за да се направи разлика помеѓу птица која носи храна за младите, и птица која носи храна на место каде самата ќе го изеде (гаврани, грабливи птици).
C15 - гнездо со јајца
Самообјаснувачко. Во Забелешка внесете колку јајца сте виделе. Не ги вознемирувајте птиците при инкубација намерно. Ако нема потреба, не се доближувајте, вашата миризба може да доведе предатори (лисици, шакали и др) до гнездото. Броењето (или описот) на јајца (или млади) во гнездото не е „потреба за доближување“ доколку не е за наменска научна студија (за што е потребна дозвола). Не земајте јајца од гнездата на птиците, дури ниту кога сметате дека се мртви (глуви), не само што е забрането, туку е и неетичко.
C16 - видено или слушнато гнездо со млади
Самообјаснувачко. Забележете детали (број и старост на младите, ако не знаете старост, опишете ги откога ќе се оддалечите, или направете фотографија - без блиц). Не ги вадете младите птици од гнездото. Не се задржувајте до гнездото повеќе од неколку минути, на пилињата им е потребна храна и заштита, а возрасните нема да дојдат додека сте во близина.
Посебно кај кодовите за возможно гнездење (А1, А2), пролонгирање на времето на набљудување на птиците многу лесно може да доведе до повисока гнездечка категорија (B3-B7). Затоа, кога можете, и кога со тоа не ги вознемирувате птиците, не брзајте да продолжите понатаму. Така ќе научите и повеќе за однесувањето на птиците.
Слободна сесија
Оваа сесија се користи кога сте во природа со намера да гледате птици, и кога истите активно ги барате. Овозможува малку поголема организираност на податоците, на начин што на почетокот (копче „плеј“) ќе треба да го внесете името на сесијата (можете да го промените подоцна) и да внесете Забелешка (на пример, неповолни временски услови – силен ветер, што може да го објасни очигледното отсуство на птици дента), а апликацијата веќе зела датум и време на почеток на сесијата.
Потоа, на знакот „плус“ (+) почнувате да додавате записи. Полињата кои треба да ги пополните се исти како кај директниот запис, но не можете да промените датум.
Уредот ја снима вашата патека на движење. Важно: овозможете и на апликацијата континуирано да ја користи локацијата од вашиот уред, а за најдобри резултати прилагодете го уредот да зима координати само од неговиот вграден ГПС сензор, а не и од мобилната мрежа, во спротивно некои ваши координати наместо таму каде што ќе се наоѓате, ќе се позиционираат на најблискиот антенски столб на мобилните оператори, што може да е и неколку километри подалеку од вас и вистинската локација на птицата.
Во сесијата е прикажана и карта, која може да ја отворите на цел екран и да ја гледате патеката по која се движите, како и податоците кои сте ги внеле. И кога е картата прикажана на цел екран, може да внесувате записи со копчето „плус“.
При овие сесии, не мора да ја внесете баш секоја птица што ќе ја видите. Но, стекнете навика да ги внесувате истите видови доколку се променило нешто значајно – сте наишле на единки од веќе внесен вид, но со повисок гнездечки код, се променило живеалиштето на птиците (од појасот на дабови шуми сте влегле во појасот на букови шуми), или, во понапредни случаи, ако знаете дека сте поминале од еден квадрант со димензии 1x1 км во друг (квадрантите од 1х1 км засега се најмалите просторни единици на кои се прават анализите за присутност или бројност на птиците, најчесто зборуваме за UTM квадранти, и 100 вакви квадранти го формираат поголемиот квадрант од 10x10 км на кој се прикажува дистрибуцијата на птиците на нашиов сајт). За поретките и позначајните видови, се подразбира дека ќе сакате да ги забележите сите наоди. Контактирајте не директно ако сакате да научите повеќе за подетално картирање на птиците.
Кога ќе завршите со сесијата, притиснете „стоп“. Апликацијата ќе го запише времето на завршување (па може да си водите статистика колку видови и колку единки гледате за одредено време, при што брзо ќе научите дека некои живеалишта се побогати со птици од некои други). Може да ја промените Забелешката (на пример, да потенцирате дека се влошиле временските услови). Тука се наоѓа и да/не полето „Дали е листата комплетна?”. Доколку сте ги запишале сите видови кои сте ги виделе при сесијата, штиклирајте го полето. Комплетните листи се многу позначајни од некомплетните, затоа што ни даваат на знаење дека тоа што некој вид не сме го запишале, значи дека не сме го виделе, а не дека сме го сметале за „неважен“. Стекнете навика секогаш да ги запишувате сите видови. Во спротивно од вашите карти ќе недостасуваат врапчиња, страчки, врани и други чести видови. Поважно, комплетните листи овозможуваат во иднина да се регистрира секое прво видување на птиците преселници кога пристигнуваат на пролет (што некако автоматски сите го правиме, бележиме почетоци на појавите), но и одредување на датумот кога некој вид е последен пат виден пред и последните единки да тргнат на југ (немаме природна тенденција да го запишуваме завршувањето на појавите).
Од одредени причини, можеби ќе сакате да ја избришете сесијата. Возможно е, но опцијата ќе се појави дури откога поединечно ќе ги избришете сите записи внесени во таа сесија. Ова е мерка на внимателност, дека во брзање нема да избришете погрешна сесија.
Овде ќе споменеме уште еден важен аспект на птичарењето. Некои видови ќе бидат присутни околу вас постојано, или скоро постојано, неретко и во голем број, но ќе поминат месеци, ако не и години пред да ги забележите. Ова најчесто е поврзано со препознавањето на песните на птиците, или нивното огласување. Додека не го познавате видот, едноставно не го регистрирате за присутен, иако пее на само педесетина метри од вас. Прифатете го ова како факт, како фаза низ која поминале сите искусни набљудувачи на птиците, и во секоја прилика придружете им се на поискусни набљудувачи, од кои многу ќе научите.
Линиски трансект
Овој модул можете да го користите за еден одреден вид, или група на целни видови кои добро ги познавате, и да го користите за да го истражувате само него/нив. Алтернативно, и потешко, кога ќе ги знаете (скоро) сите птици, и тоа на начин што ќе може со сигурност да детерминирате 90% од контактите (визуелни или аудио) со птиците околу вас, подготвени сте да ги броите птиците за научни цели (за пресметување на нивните густини и бројност). До оваа фаза, веќе ќе имате доволни познавања и за живеалиштата на птиците: ќе правите разлика меѓу различните дабови заедници, деградациските стадиуми на живеалиштата, фазите на сукцесија, ќе правите разлика меѓу суви и влажни ливади, пасишта на варовник или пасишта на лапор, и така натаму. Ова си е посебна наука сама за себе, но секако ќе имате консултирано соодветна литература. И така, со план во раце (односно, во мобилниот уред), одите да броите птици. Планот најчесто вклучува претходно одредена патека на движење (која во идеални услови сте ја провериле ден претходно, затоа што работите не се секогаш онакви какви што изгледаат на Google Earth Pro), која е во рамките на еден или два квадранти со димензии од 1х1 км2, кои од своја страна биле случајно или стратифицирано случајно одбрани (за да не се водите од вашите предзнаења и интуиција), и во кои имате намера да броите во однапред одредено живеалиште.
Заради овие специфики, модулот за линиски трансект изгледа малку поинаку од останатите. По внесувањето на почетните информации за трансектот, почнувате со внес на видот, бројот на единки на територијата, па дистанцата од вашата патека на движење до птицата, перпендикуларно на патеката, во метри. Секоја посебна територија (на пример, пеечки мажјак, или двојка), ја внесувате посебно, дури и ако тоа значи 30 пати да внесете еден и ист вид. Трансектот вообичаено е околу 2 км, и треба да се помине за 1-2 часа (и при тоа ќе направите 70-120 внесови), па затоа нема време за други детали од набљудувањето – само видот, бројноста, дистанцата и гнездечкиот код. Бидејќи птиците се поместуваат, мора да внимавате која каде сте ја виделе, а за да биде полесно следењето, овозможено е да одберете дали единките биле лево или десно од вас. Можеби биле и точно пред вас (центар), во кој случај дистанцата е 0 (нула). Сѐ друго оди во Забелешка. Автоматски се земени координатите (вашите) и времето на регистрација. За позначајните видови (ретки, засегнати) земете ги точните координати. Кога ќе направите доволен број трансекти низ одредено живеалиште во еден регион, можете да пристапите кон анализи, со користење на софтверот Distance (https://distancesampling.org/). Уште еднаш, најдобро е да поминете обука во МЕД пред да започнете со користење на овој модул. Обуките ќе започнат во 2025 година, заради мониторинг на честите видови птици.
Мој штрк
Модулот е директен, служи за евиденција на гнездата на штрковите, и комбинира полиња од модулот за директни записи, со некои особености кои го опишуваат гнездото на штркот. Интуитивен е и нема да го објаснуваме во детали. Откога ќе го внесете гнездото, не заборавете да го фотографирате ID бројот кој ќе го добиете за вашиот запис, а потоа да го фотографирате и гнездото – најмалку три фотографии – широка (гнездото заедно со опкружувањето), гнездото и неговата подлога, и гнездото во крупен кадар, за да се видат потребните детали и/или младите штркчиња.
Завршни забелешки
Откога завршивте со запишување, синхронизирајте ги сесиите. Директните записи се синхронизираат посебно. Потоа вратете се на картата на овој сајт, и погледнете ја вашата најнова контрибуција, како и статистиките поврзани со вашиот профил. Графиците се ажурираат преку ноќ, бидејки постапката е малку подолга. Ако се логирате, можете да ги преземете и вашите податоци (во ексел формат, со дополнителни колони за надморската височина и регионите, за што исто така ќе треба да почекате до следниот ден), како и да ги симнете вашите патеки на движење од сесиите, и да ги отворите во друг софтвер (Google Earth Pro, QGIS…).
За да ви ја олесниме ориентацијата во простор, на сајтов додадовме и мрежа на квадранти (како .kmz и како .gpx формат). Истата можете да ја внесете во некоја друга апликација на вашиот уред (или рачен GPS) и да следите како се движите од еден квадрант во друг. Се подразбира дека во новиот квадрант почнувате со внесување на сите видови одново.
Објавен на 28.02.2025
Ажуриран на 28.02.2025