Птици.мк надмина 30000 податоци!
И повеќе од тоа, во употреба е подолго од една цела година, односно опфатени се сите сезони во кои видовите би можеле да бидат присутни во Македонија. Тоа значи дека доколку ги погледнете графиците, барем за честите видови веќе ќе имате претстава во кој период можат да се најдат, и на кои надморски височини! А тоа би требало да ви помогне полесно да одберете гнездечки код за вашето идно набљудување на некој вид!
Всушност, правилниот избор на гнездечки кодови останува најголем индивидуален предизвик – во овој момент, базата ја прочистивме од погрешните внесови на гнездечки кодови (односно, дадовме соодветни кодови таму каде што имаше очигледни грешки, познавајќи ги екологијата и сезонската присутност на птиците во Македонија). Во исто време, го зајакнавме и системот на квалитет на контрола на внесовите, и тоа во две насоки – не само што автоматските филтри сега се попрецизни, туку и вие добивате повратна информација кои од вашите внесови не ја поминале автоматската контрола. Таквите „сомнителни“ внесови на графикот сега се означени со сива боја. Исто така, кога ќе се најавите на страницата, и ќе влезете во вашиот профил, на карта може да ги прикажете податоците кои не ја поминале валидацијата (и тоа како прецизни точки, не квадранти). Тоа не значи дека вашите податоци сигурно се погрешни! Тоа значи дека таквата комбинација на датум на регистрација, гнездечки код и надморска височина во моментов ја нема во нашата база на податоци. Затоа, таквите записи ги проверуваме поединечно, а за сите интересни наоди ќе ве контактираме за да ја разјасниме ситуацијата. Ако сте свесни дека вашиот наод е посебен, забележете го тоа во коментар уште при внесување на записот (на пример, дека имате фотографија, аудио снимка, или едноставен опис на набљудувањето). Некогаш и честите видови ги регистрираме на нетипични места. Доволна е една забелешка дека со сигурност се работи за наведениот вид, за да не се сомневаме на техничка грешка. Ако подолго време не направиме корекција на записот, тоа значи дека останал сомнеж во квалитетот на записот. Или ќе треба да ја се навратите на записот и да помислите што може да биде проблем, или записот ќе остане сомнителен сѐ додека не појават и други слични набљудувања.
Покрај техничките грешки, грешки настануваат и заради непознавање на екологијата на видот, односно неговите преференци за гнездење (период, живеалиште, па и ареал), и во тој случај најчесто одбираме код кој во моментот ни се чини најсоодветен. Со проверка на литература – или едноставно со проверка на графиците, гледаме дека сме погрешиле. Затоа, прочитајте ги упатствата за гнездечките кодови уште еднаш – ги проширивме и ги надополнивме. И конечно, грешки настануваат и заради погрешна детерминација на видовите – и тоа е во ред, и е очекувано, и единствен начин да се надмине е со истрајност, со редовно одење во природа, со користење литература (и интернет) и „птичарење“ со поискусни набљудувачи.
Што да очекувате во иднина? Ветивме апликација за iOS, но заглавивме со подобрување и на постојната верзија за Android. Ве молиме за трпение (ако имате искуство со програмирање со Dart и Flutter, не чекајте, јавете ни веднаш). Во базата, работиме на овозможување на автоматски внес на локалитет за вашите податоци (како што е сега случај со регионите, UTM квадрантите, надморската височина), но тоа малку ќе потрае. Работиме и на филтри за пребарување на листите на видови по региони, заштитени подрачја на природата, значајни подрачја за птиците... тие функционалности би требало да се готови набрзо, за што се разбира дека ќе ве известиме.
Во изминатава година од птици.мк научивме дека некои видови се почести на миграција одошто претходно знаевме (белокрстен свиркач, белоопашест свиркач, среден пескар, остригар...), други дека можеби гнездат во Македонија, иако тоа не било документирано во блиско минато (дебелоклуна рибарка, блатна ластовица), трети дека гнездат на локалитети за кои претходно не знаевме (шумска кукумјавка, степско камењарче), па дури имаме и два вида птици кои по прв пат се регистрираат во Македонија (Египетска гуска и голем славеј). И тоа е само по една година постоење на птици.мк, со само 30-ина редовни корисници. Замислете каков резултат ќе имаме за 5, или за 10 години?!
Објавен на 27.10.2025

                    Пријави грешка